• Саше Љолес
Џенаро Гатузо имаше успешно деби како тренер на Хајдук. Сплитскиот гигант славеше победа над Славен Белупо во првото коло од хрватскиот шампионат и ги осигура трите бода со конечен резултат 2-1 (2-1).
Марко Ливаја беше човекот на одлука за сплиќани. Најпрво постигна гол за 1-0, а потоа му асистираше на Абдули Санјанг во 37. минута. Гостите го намалија водството во последните секунди од првиот дел преку Матеј Шакота, а на паузата резултатот гласеше 2-1.
Во вторите 45 минути Хајдук имаше уште неколку солидни прилики за гол, одлично одиграа ветераните Иван Перишиќ и Иван Ракитиќ, но резултатот не се промени до крајот. Нашиот Александар Трајковски беше на клупата за резерви, но не доби шанса да втрча на теренот.
Хајдук ги впиша првите три бода во новата сезона, а во следното коло ќе се соочи со екипата на Локомотива.