Трајковски: Ние сме Хајдук, се надевам на поголема минутажа во иднина

Екипата на Хајдук освои голем бод во последниот натпревар од 29. коло на ХНЛ, откако ремизираше со Локомотива (1-1). Александар Трајковски му донесе бод на сплитскиот тим со гол во 98. минута од натпреварот.

По натпреварот, Трајковски накратко го коментираше натпреварот и неговата улога во него, потенцирајќи колку е важно да се освои барем бод со оглед на околностите и црвениот картон на голманот Лучиќ.

„Од првата минута беше јасно дека сакаме гол, создававме шанси, имавме посед. Во второто полувреме влеговме со желба за победа. Се случи да примиме гол и да добиеме црвен картон, но до крајот на натпреварот се надевавме на пресврт. Дадовме гол и освоивме бод“, рече нашиот ас.

Потоа, Трајковски го коментираше неговиот погодок во судиското надополнување.

„Кога ќе влезеш во таа ситуација, треба да ја прочиташ играта, се оди според чувството, барав простор на втората статива. Успеавме да освоиме бод, ако ништо друго, не загубивме. За сите е добро кога ќе постигнат гол, се надевам дека во иднина ќе добијам уште многу можности и дека ќе продолжиме да играме добро. Ние сме Хајдук и ќе продолжиме да победуваме на секој следен натпревар до крајот. И ако даде Господ, ќе ја освоиме титулата“, додаде Трајковски.

Инаку, искусниот напаѓач оваа сезона има постигнато два гола во хрватскиот шампионат, и тоа двата во мрежата на Локомотива. 

ФОТО: ФК Хајдук