Трајковски: Нема потреба да паѓаме, фудбалот е таков – мора да извадиме поука oд поразот!

Фудбалската репрезентација на Македонија попушти во вториот дел и забележа пораз на пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија. Во Прага конечниот резултат беше 1-2, откако Саудијците до триумфот стигнаа по пресврт, по водство на Македонија од 1-0.

По средбата на стадионот на Викторија Жижков, Александар Трајковски, истакна дека ова беше вистински тест за нив пред дуелот со Лихтенштајн.

„Индивидуално за мене, дадов прекрасен гол и среќен сум за тоа, но резултатот ми е поважен затоа што сите играме како тим. Ова беше тест за нас пред Лихтенштајн, имавме тежок меч, ривалот ги искористи двете наши грешки и ни даде два гола, а јас како по секој меч гледам да ги извлечам позитивните работи и да ги пренесеме на следниот дуел. Ние немавме десет меча пораз, но нема потреба да паѓаме, фудбалот е таков. Мора да извадиме поука и да се спремиме добро за Лихтенштајн со кого играме за важни три бода.“

Натпреварот со Саудиска Арабија беше еден вид на загревање за нашите фудбалери за она што ги очекува в недела против Лихтенштајн во квалификациите за Светското првенство.