• Иван Димовски
Фудбалерите на Хајдук Сплит се радуваа убедливо на гостувањето кај Локомотива во Загреб со 2-5 (0-2). Овој натпревар ќе остане во сеќавањата на македонскиот репрезентативец Александар Трајковски кој одлично ја искористи својата шанса на крајот на сезоната, а денес постигна хет-трик за Хајдук.
Трајковски ги даде првите два гола на тимот од Сплит во Загреб, во 18. и 38. минута за водство од 0-2 на полувремето. Потоа следеа четири погодоци, по два на двете страни, а Македонецот го заврши започнатото.
- Головите на Трајковски против Локомотива:
Со голот во 72. минута Александар Трајковски го комплетира првиот првенствен хет-трик во кариерата. Досега по трипати беше стрелец на натпревари во Купот на Италија за Палермо и на пријателски натпревар за Македонија против Црна Гора.
Трајковски сезоната во ХНЛ ја заврши со седум погодоци, а вреди да се напомене дека шест се во последните седум кола кога почна да добива поголема шанса.