ВИДЕО: Трајковски двоен асистент, Палермо есенски првак во Серија Б!

Во рамките на 21. коло во Серија Б, фудбалерите на Палермо го совладаа тимот на Салернитана со 3-0 (1-0) и ја потврдија есенската титула. Палермо освои 39 бода, два повеќе од Фросиноне и во продолжение на сезоната ја истакнува својата кандидатура за експресно враќање во Серија А.

За тимот на Палермо од првата минута ударна игла во нападот беше нашиот репрезентативен тандем, Несторовски-Трајковски. Токму Трајковски во 30. минута ја започна акцијата и асистираше до Бугаринот Чочев, кој прекрасно ја помина гостинската одбрана и погоди за 1-0, резултат со кој се замина на полувремето.

По одморот, работата на тимот од Сицилија беше олеснета, бидејќи во 54. минута гостите останаа со играч помалку по исклучувањето на Витале. Во 69. минута играта ја напушти Несторовски, а на негово место влезе Моначело, кој во 79. минута зголеми на 2-0, повторно по асистенција на Трајковски. Конечните 3-0 ги постигна Јајало во 93. минута.

Следниот натпревар Палермо го игра на гостински терен против Специа, на 20 јануари.