ВИДЕО: Трајков погоди од половина терен, Македонија У21 по пресврт слави во Битола! 

Фудбалската селекција на Македонија до 21 година ја забележа првата победа во квалификациите за следното Европско првенство, откако по пресврт славеше во соочувањето со Ерменија со 2-1 (0-1). За нашата млада селекција ова е прва победа во групата Е по стартните порази од Полска и Италија

  • Головите од натпреварот:

Селекторот Горан Станиќ се реши за нова формација за овој натпревар. Наместо тројца дефанзивци, каков што беше случајот со Италија минатиот месец, сега одбранбената линија ја сочинуваа четворица играчи, а засилен беше офанзивниот дел. Во првиот состав се најдоа три нови имиња – Аризанкоски, Ѓоргиевски и Елези. 

Средбата во Битола започна со возбудување пред гостинскиот гол. Младиот ас на Работнички, Димитар Трајков во втората минута направи сè убаво и си создаде простор да шутира, но тоа го направи многу лошо и топката заврши покрај противничкиот гол. Дваесет минути подоцна Трајков одново беше во центарот на вниманието, откако по еден корнер топката дојде до него, а тој од само неколку метри со глава го промаши целиот гол и пропушти огромна шанса за водство на Македонија. 

Македонија и во продолжение доминираше на битолскиот терен, но една пасивна реакција на одбраната донесе водство на гостите од својата прва шанса. Се играше 38. минута кога гостинските фудбалери со неколку брзи додавања ја надмудрија одбраната на нашата селекција, а Ховханисјан со сигурен удар на втора статива го матира Џеков за водство на Ерменците од 0-1, резултат со кој се замина на одмор. 

По одморот нашите надежи излегоа на терен помотивирано и во вистински момент стигнаа до израмнување. Во игра се вратија во 54. минута, кога Трајков со небески скок ја смести топката во мрежата на гостите (1-1). Асистент на голот беше Хамза, кој прецизно проигра од корнер. За Македонија ова беше прв гол во овие квалификации.

Гостинскиот селектор прв повлече потег и направи четири замени за краток период, а Станиќ својот тим го освежи дури во 75 минута, кога во игра влегоа Михаил Талевски и Теодор Николовски. Токму нововлезениот битолчанец имаше убава шанса за комплетен пресврт, но неговиот обид не беше прецизен и топката заврши во гол-аут.

Во самата завршница среќата им се насмевна на нашите фудбалери, откако во 83. минута Трајков постигна погодок од половина терен за водство на Македонија од 2-1. Голема заслуга за погодокот на фудбалерот на Работнички има гостинскиот голман, кој направи катастрофална проценка и дозволи топката да заврши зад неговиот грб. 

До крајот на средбата Македонија со офанзивна игра го сочуваа водството и заслужено ги впишаа првите бодови во овие квалификации. Во следното коло нашите У21 фудбалери в понеделник гостуваат кај Црна Гора