• Мартин Танасковски
Младиот фудбалер Димитар Трајков од следната сезона го почнува првиот интернационален предизвик. 19-годишниот фудбалер се сели во Украина, каде ќе го носи дресот на екипата на Житомир Полисја која се натпреварува во најдоброто друштво.
Овој трансфер за Брера Струмица е историски, затоа што е највреден од сума од 300.000 евра. Во друштво на директорот Јован Симиќ, Трајков директно од Украина ги сподели првите импресии за трансферот.
„Среќен сум што станувам нов играч на Полисја. Во овие три дена се уверив дека овој клуб е вистинскиот за продолжување на мојата кариера и дека овде сериозно ќе сметаат на мене во иднина. Но сепак, се зависи лично од мене. Јас сум подготовен да работам многу повеќе и да го дадам максимумот за новиот клуб. Благодарен сум на Горан Пандев и сите луѓе од ФК Брера Струмица за убавите поминати години во Струмица“, вели Димитар Трајков.
Младиот кавадарчанец кој оваа сезона одигра 22 натпревари и постигна два гола е производ на клубот од Струмица и никогаш во кариерата не играл за друг клуб, освен за Академија Пандев (Брера Струмица).