Трајчевски пристигна во кипарски Алки

Екипата на Алки го претстави македонскиот фудбалер Душко Трајчевски како ново засилување во своите редови.

Борецот во средниот ред кој има 27 години реши да направи прв интернационален трансфер, по пласманот со Работнички во квалификациите за Лигата на Европа. Трајчевски тргна со тимот уште на стартот на подготовките, а ќе дебитира на пријателските средби. 

„Среќен сум за новата авантура во мојата кариера и во мојот живот. Благодарност до тренерот и управата на Алки кои ми ја дадоа довербата. Ветувам дека ќе дадам 100 отсто на теренот, за да дојдеме до резултати“, вели Трајчевски.

Алки лани заврши на 11. место во кипарскиот шампионат и избегна испаѓање во понизок ранг. Трајчевски настапуваше во Работнички уште од 2013 година, а за него ова ќе биде прв интернационален предизвик. Претходно, настапуваше уште за Локомотива и Тетекс.