Трајчевски: Годинава дојдовме најтешко до Европа, затоа ни е и најслатко

Душко Трајчевски како капитен на Работнички ја водеше екипата до квалификациите за Лига Европа. Во последното коло „романтичарите“ го добија Скопје (3-2), по тешка борба и пресврт, а по дуелот македонскиот фудбалер истакна дека е задоволен од тешката, но слатка добиена борба за едно од местата за европско лето.

„Последните десет кола за нас беа како финале. Сладок ни е пласманот во Европа, затоа што пред десет кола сите не отпишаа. Покажавме дека оваа млада екипа има квалитет и се боревме до крајот за посакуваното место. Искрено задоволен сум, го сакавме тоа трето или четврто место и го добивме. Оваа година ни беше најтешко да дојдеме до Европа, затоа успехот е и најсладок“, изјави Трајчевски.

Работнички и минатата сезона играше во квалификациите за Лига Европа, каде стигна до второто коло и беше елиминиран од белоруски Динамо Минск.