Трајчевски емотивно се збогува од Докса: „Се чувствував како дома“

Македонскиот дефанзивен играч за врска, Душко Трајчевски, во новата сезона ќе има нов клуб затоа што си заминува од екипата на Докса Катокопиас, за која настапуваше во последните пет години.

33-годишниот Македонец ја завршува авантурата на Кипар, каде остави длабока трага во клубот и во една од сезоните ја имаше и улогата на капитен. Тој со емотивна објава на социјалните медиуми се збогува со сите во Докса.

„Денес се збогувам со Докса, но со себе носам многу спомени, лекции и убави моменти кои ќе живеат со мене засекогаш. Ова беа едни од најдобрите години од мојата фудбалска кариера. Благодарност до сите во клубот, до тренерите и соиграчите што ги имав, и секако до навивачите и мојот претседател.

Бев многу среќен тука, вие направивте да се чувствувам како дома“, напиша нашиот фудбалер на социјалните мрежи.

Трајчевски дојде во Докса во 2019 година, а претходно настапуваше за Алки од Кипар, како и домашните екипи Работнички, Тетекс и Локомотива. Дефанзивниот играч за врска има шест настапи и за сениорскиот национален тим.