Трагедија за Шкендија: Јагјелонија во 100. минута се спаси од пораз! (ВИДЕО)

Екипата на Шкендија пропушти голема шанса за нова европска победа. Македонскиот шампион во последните секунди прими гол од Јагјелонија и ремизира на домашен терен (1-1) во третиот европски дуел. Во следните три кола, тетовчани играат со Дрита и АЕК Ларнака на гости, како и Слован Братислава дома.

Што се однесува до натпреварот на Арената „Тодор Проески“, првиот дел на мечот во Скопје не донесе големи возбудувања. И двата тима беа резервирани, имаа само по една шанса. Единствениот шут во рамки на голот го имаше Јагјелонија, додека за Шкендија се закани Љатифи. Имаше и сериозна повреда, кога по судир Зејнулаи заврши на тревата и мираше да биде заменет.

На стартот на вториот дел, од прекин, македонскиот првак дојде до предност. По еден корнер на Роналдо Вебстер, највисок во скокот во казнениот простор на Шкендија беше Лиридон Љатифи, кој реализира со глава за голема радост на црвено-црните.

Потоа Јагјелонија го освежи тимот со измени, внесе тројца нови играчи, од клупата влегоа Имаз, Позо и Лозано. Тоа донесе иницијатива пред голот на Шкендија, но одбраната беше одлично поставена и ги блокираше сите обиди, или ги исфрлаа надвор од теренот во аут или корнер.

Потоа Беќири го внесе во игра најдобриот стрелец во мак-фудбалот, Бесарт Ибраими, кој во 79. минута имаше одлична шанса за втор гол. Но, против него застана голманот Пјекутовски, кој ја одби на страна. Во продолжението немаше сериозни шанси за гол, а иако судијата продолжи седум минути, на Арената се играше 100. минута кога гостинот дојде до израмнување. Од пред казнениот простор, бомба во голот на Гаје испрати Лозано, за конечни 1-1 во Скопје. До израмнувањето, Јагјелонија дојде и со црвен картон откако претходно исклучен беше Имаз.

Следниот европски меч Шкендија го игра против Дрита на гостински терен во последната недела од ноември.