ВИДЕО: Трагедија на Хартс, епски пресврт на Селтик вреден нова титула!

Селтик е нов шампион на Премиер лигата на Шкотска, откако во драматичен меч направи пресврт и го совлада Хартс со 3-1. Херој на „Келтите“ беше Дајзен Маеда, кој во 88. минута го постигна клучниот погодок што ја донесе титулата во Глазгов. Така Селтик стигна до 14-та титула во последните 15 сезони и повторно ја продолжи доминацијата на „Олд Фирм“ во шкотскиот фудбал. За Хартс ова беше историска шанса да стане шампион за првпат од 1960 година, а воедно и можност конечно да биде прекината долгата доминација на Селтик и Ренџерс, која трае уште од 1985 година, кога Сер Алекс Фергусон ја освои титулата со Абердин.

Натпреварот почна нервозно и без многу шанси, а првиот удар во рамките на голот беше виден дури во 32. минута. Во финишот на првото полувреме следуваше вистинска драма. По корнерот на Стивен Кингсли, Лоренс Шенкланд беше највисок во скокот и со глава донесе водство за Хартс од 1-0. Но, во судиското надополнување Селтик доби пенал по играње со рака на Кизиридис, а Арне Енгелс сигурно реализираше за 1-1.

Во второто полувреме Селтик целосно доминираше и постојано притискаше. Келечи Ихеаначо погоди статива во 79. минута, а потоа и Николас Инграм имаше голема шанса, но голманот Зденек Шволов одлично интервенираше.

Клучниот момент се случи во 88. минута. Осман центрираше од левата страна, а Маеда ја испрати топката во мрежата. Следуваше долга ВАР-проверка поради можна офсајд позиција, но судиите проценија дека Јапонецот не влијаел во претходната фаза од акцијата и погодокот беше признат.

Во судиското продолжение токму Осман стави точка на натпреварот, кога по контранапад излезе сам пред празен гол и погоди за конечни 3-1. За навивачите на Хартс останува огромната болка, бидејќи тимот беше лидер речиси целата сезона, но на крајот остана без историска титула. Сезоната во Шкотска сигурно долго ќе се прераскажува, особено по драматичниот финиш и контроверзниот погодок на Дајзен Маеда што ја реши шампионската трка.