Тоти реален: Знаев дека Кристијано нема да дојде во Рома...

Екипата на Рома под водство на Жозе Мурињо го освои трофејот во Конференциската лига на УЕФА. Поради тоа, апетитите пораснаа и меѓу фановите и во управата. Се споменуваа имиња како Пауло Дибала и Кристијано Роналдо, но според легендата на клубот Франческо Тоти, тоа не е реално. 

„Како гледам на трансферите во Рома? Навикнавме да зборуваме пред нешто да се случи. Немам идеја, има уште доста време до почетокот на првенството. Се надевам Рома ќе направи силен тим. 

Дибала беше можно засилување, многу можно, а потоа се случија некои работи и тоа пропадна. Се надевав ќе дојде во клубот, но нема да се случи тоа ова лето. Од друга страна, не верував во доаѓањето на Кристијано, бидејќи ја знам ситуацијата во клубот“, изјави Тоти. 

Дибала е слободен агент, меѓутоа е далеку од трансфер во Рома. Иако клубот се интересираше и преговараше со Аргентинецот, таа опција пропадна и тој се очекува да заигра за еден од миланските гиганти. Кристијано Роналдо, пак, е незадоволен во Јунајтед, но прашање е дали има клуб кој е подготвен да му даде прифатлива понуда.