• Горан Упале
Тотенхем официјално го комплетираше најголемиот трансфер во својата историја, откако го претстави италијанскиот репрезентативец Сандро Тонали како ново засилување.
Лондонскиот клуб му плати на Њукасл 100 милиони фунти, односно околу 117 милиони евра, со што Тонали стана најскапото засилување во историјата на Спарс. Италијанецот по потпишувањето на договорот не го криеше задоволството од новиот предизвик.
„Многу сум среќен што сум тука. Кога пристигнав во клубот, чувството беше фантастично. Се зборуваше за четири или пет клубови, но за мене постоеше само еден. Со тренерот разговаравме речиси два часа за клубот, навивачите, стадионот и нашиот стил на игра. Беше како магија, веднаш знаев дека сакам да потпишам за Тотенхем. Играв неколку пати против овој клуб и секогаш ја чувствував неверојатната атмосфера што ја создаваат навивачите. Со нетрпение го очекувам почетокот на сезоната“, изјави Тонали.
Интересно е што Тотенхем двапати во само неколку дена го собори сопствениот трансфер-рекорд. Минатата недела од Вест Хем пристигна Матеус Фернандеш за 85 милиони фунти (околу 100 милиони евра), а сега рекордот повторно беше урнат со ангажманот на Тонали.

