Тотенхем на Постекоглу го допре дното на „Енфилд“, на повидок е отказ?

Тотенхем доживеа тежок пораз на „Енфилд“ од Ливерпул во реваншот од полуфиналето на Карабао Купот.

И покрај тоа што имаа минимална предност од првиот натпревар (1-0), која беше солидна за нив, играчите на Тотенхем беа декласирани во градот на Битлси со резултат 4-0. Конечниот исход беше резултат на неверојатно добриот настап на Ливерпул и показател за целосната беспомошност на „петлите“.

Впрочем, статистиката го потврдува ова. Имено, Тотенхем немаше ниту еден удар кон противничкиот гол. Хеунг-Мин Сон ја погоди гредата, но тоа не е вклучено во статистиката, па покрај бројот на обиди на играчите на Тотенхем кои завршиле во голот на Ливерпул пишува „НУЛА“. Ова никогаш не се случило откако на клупата на тимот е Анѓе Постекоглу. 

Токму тоа може да му донесе отказ на австралискиот менаџер. Се шпекулираше дека управата го поддржува и покрај лошите резултати и дека двомечот со Ливерпул во Лига Купот може да биде клучен показател во која насока да се оди. Па, веројатно го добија сега тој показател. Тотенхем е само на 14. место во Премиер лигата и во последното коло против Брентфорд ја прекина серијата од четири порази.​