ВИДЕО: Тотенхем му зададе удар на Гвардиола, Мурињо на врвот на Премиер лигата

Екипата на Тотенхем се искачи на врвот на табелата во Премиер лигата со денешниот триумф во дербито против Манчестер Сити (2-0) на домашен терен во Лондон. Во очекување на натпреварите Ливерпул - Лестер Сити и Волвс - Саутемптон, англиската елитна категорија има нов лидер, а Мурињо вторпат по ред го надмудри Пеп Гвардиола во дуелите на „петлите“ и „граѓаните“. 

  • Извештај од натпреварот:

Залудна беше доминацијата на гостите, кои имаа повеќе од играта и шансите. На крај одлучи ефективноста на домашните фудбалери, кои двапати ја тресеа мрежата на Едерсон и ги освоија трите бода. „Петлите“ ја запишаа втората победа оваа година против ривалот предводен од Пеп Гвардиола. Во февруари со идентичен резултат се радуваа на бодовите на домашниот дуел со Сити. 

Само пет минути му беа потребни на Хеунг Мин Сон да постигне погодок. Одлична асистенција доби од Ндомбеле и ја искористи за почетна предност на неговиот тим.

Притисокот на „граѓаните“ се чинеше дек вроди со плод пред паузата. Но, погодокот на Лапорт беше поништен поради игра со рака пред реализацијата. Тотенхем замина на пауза со минимална предност стекната по единствениот удар кон противничкиот гол.

Одлуката пристигна во 65. минута кога Хари Кејн го проигра Ло Селсо и му овозможи лесна завршница. Аргентинскиот фудбалер одново по земја го измами гостинскиот голман и го постави конечниот резултат.

Сити го запиша вториот сезонски пораз и остана далеку од врвот на табелата во англиското првенство.