• Мартин Танасковски
Раководството на Тотенхем испрати официјално писмо до Судиската комисија на ФА и до неговиот претседател Хауард Веб, изразувајќи загриженост поради одредени судиски одлуки во тековната сезона. Според британските медиуми, лондонскиот клуб побарал дополнително појаснување и поголема конзистентност во критериумите што се применуваат при оценување на спорни ситуации во шеснаесетникот.
Како што пренесува „Би-Би-Си“, во фокусот на реакцијата на Тотенхем биле одлуките поврзани со физички контакти меѓу напаѓачите и дефанзивците, по кои некои голови биле поништени, а други признаени. Во клубот сметаат дека во повеќе наврати биле оштетени од различниот пристап при проценката на слични ситуации, што, според нив, директно влијаело врз резултатите.
Еден од конкретните примери што се наведуваат е поразот на домашен терен од градскиот ривал Арсенал со 1-4 на 22 февруари. Во таа средба, погодокот на Рандал Коло Муани, кој ќе значеше израмнување на 2-2, беше поништен поради проценка дека напаѓачот претходно оттурнал противнички дефанзивец. Главниот судија на натпреварот, Питер Бенкс, подоцна во телевизиска анализа изјави дека бил уверен оти станува збор за прекршок и дека одлуката била исправна.
Сепак, во Тотенхем посочуваат дека во друг случај бил применет поинаков критериум. При поразот од Фулам со 1-2, голот на Хари Вилсон беше признат и покрај тоа што, според впечатокот на лондонскиот клуб, претходно имало оттурнување во скок-дуелот. Се работеше за ситуација во која Раул Хименез имал контакт со дефанзивецот на Тотенхем, Раду Драгунин, но судискиот тим оценил дека интензитетот на контактот не бил доволен за да се досуди прекршок.
Во писмото биле посочени и други случаи од сезоната во кои слични контакти во казнениот простор резултирале со различни одлуки. Меѓу нив се споменува и погодокот на напаѓачот Ник Волтемаде против Арсенал во септември, кога дошло до дуел со дефанзивецот Габриел, по што голот бил признаен. Според Тотенхем, ваквите примери укажуваат на потреба од појасни насоки и порамномерна примена на правилата.
Откако Хауард Веб ја презеде функцијата прв човек на судиите во 2022 година, една од неговите главни цели е зголемување на транспарентноста во судиската комуникација и подобрување на односите со клубовите од Премиер лигата. Во изминатиот период беа воведени и анализи во медиумите со објаснувања за одредени спорни моменти, со цел јавноста да добие појасна слика за процесот на донесување одлуки.
И покрај тоа, комисијата засега не излезе со официјален коментар во врска со писмото на Тотенхем.




