Тотенхем ја претера, никој не сака да ја плати сумата за Ериксен!

Кристијан Ериксен пред извесен период објави дека се решил за нов предизвик во својата кариера, а со тоа потврди дека посакува да ги напушти редовите на Тотенхем.

Одличниот играч за врска во претходната сезона блесна во дресот на „спарси“, зад своето име запиша 10 гола и дури 17 асистенции и очекувано го привлече вниманието на најголемите европски клубови. 

Ериксен беше голема желба на Зинедин Зидан и Реал Мадрид, но „кралевите“ експресно отстапија од трката за неговиот потпис, затоа што Тотенхем не планирал да го ослободи Данецот за сума помала од 150 милиони евра. 

Со оглед на тоа што актуелниот договор на Ериксен со Тотенхем му завршува за една година, оваа сума која ја бара лондонскиот тим е нереална и тешко дека некој ќе се осмели да ја исплати. 

Доказ за тоа е фактот што досега тимот од „Вајт Харт Лејн“ на својата адреса не добил ниту една понуда за данскиот офанзивец, па првиот човек на тимот, Даниел Леви ќе мора да смисли нова тактика како да се ослободи од еден од најдобрите фудбалери на тимот.