ВИДЕО: Торино покажа живот, Д'Аверса дебитира со триумф над Лацио

Фудбалерите на Торино стигнаа до исклучително значајна победа откако на домашен терен со 2-0 го совладаа Лацио во 27. коло од Серија А.

  • Извештај од натпреварот:

„Биковите“ во пресрет на овој дуел беа во серија слаби резултати, а на клупата дебитираше новиот тренер Роберто Д’Аверса, кој го наследи Марко Барони. Промената очигледно донесе позитивен импулс, па Торино прикажа организирана и борбена игра, на задоволство на навивачите кои неодамна протестираа поради резултатската криза.

Домаќините рано го отворија резултатот. Во 10. минута Дуван Запата шутираше од дистанца, ударот беше изблокиран, топката доби необична траекторија и падна пред голот, каде Џовани Симеоне најдобро се снајде и погоди за 1-0. Клучниот момент се случи во 53. минута. По одлична тимска акција следуваше прецизен центаршут од левата страна, а Запата со глава од седум метри ја удвои предноста на 2-0. Лацио до крајот се обиде да се врати преку Деле Баширу и Ромањоли, но одбраната на Торино остана стабилна и не дозволи неизвесност.

Со оваа победа Торино се искачи на 14. позиција со 30 бода, шест повеќе од Лече кој е во зоната за испаѓање, додека Лацио останува десетти со 34 бода. За клубот од Торино ова може да биде најава за подобри денови во продолжението од сезоната.