ВИДЕО: Торино ѝ го зеде скалпот, Рома со чекор назад во битката за Европа

Екипата на Торино со 3-1 ја победи Рома по пресврт и ѝ нанесе голем удар во битката за пласман во евро-куповите следната сезона. Иако „волчицата“ водеше на полувреме, „биковите“ успешно се вратија и целосно го надиграа ривалот, па заслужено прокнижија три бодови. 

  • Извештај од натпреварот: 

Рома уште во третата минута поведе преку Борха Мајорал, кој по асистенција на Педро реализира за 0-1. Сепак, и покрај водството играта на римјаните не беше на завидно ниво, а тоа го натера Фонсека во игра да го испрати Мхтаријан на полувреме. 

Ниту тоа не вроди со плод, а Торино дојде до израмнување преку Санабрија во 57. минута од мечот. „Биковите“ се разбудија, тргнаа посмело и тоа резултира со пресврт, откако погоди Симоне Заза за 2-1 во 72. минута. Иако се очекуваше притисок од Рома, тоа не се случи. Исклучен беше Диавара и во финишот Торино даде и трет гол за заверка на победата. 

Рома има 54 бодови по 31 коло и се наоѓа на седмата позиција, а за нив пласман во Лигата на шампионите се сведува на теорија и ќе мора да се сврти кон освојување на Лигата на Европа.