ВИДЕО: Торес за едно полувреме го сруши Леганес и донесе важни бодови за Севиља

Фудбалерите на Севиља лесно се справија со Леганес и на гости славеа триумф од 0-3 (0-2), во натпреварот од 33. коло на шпанската Примера. Избраниците на Лопетеги со двата гола на Оливер Торес во првиот и Мунир Ел Хадади во вториот дел и по ова коло ќе останат четврти, бидејќи имаат пет бодови позитива пред Хетафе во битката за Лигата на шампионите.

  • Извештај од натпреварот: 

Гостинот подобро го отвори натпреварот и уште на стартот покажа зошто е фаворит. По воведната можност на Ел Неџири, резултатот го отвори Оливер Торес. Играчот за врска се најде на вистинското место и по одбиената топка, од 20 метри ја смести во мрежата за 0-1 во 23. минута. 

Само 12 минути подоцна, истиот фудбалер одново се запиша меѓу стрелците и по прецизното проигрување од Хесус Навас, Торес лесно стрелаше за удвојување на предноста за Севиља. До паузата, Ел Незири испушти уште една можност да постигне погодок, бидејќи чуварот на мрежата од Леганес присебно му одбрани. 

Вториот дел беше речиси без возбудувања, бидејќи Севиља имаше и повеќе од поволен резултат и бодовите беа речиси освоени. Од друга страна, нападот на Леганес немаше сили посериозно да го загрози голот на Томас Вацлик, па гостите преку Мунир Ел Хадади запишаа трет гол и заслужена победа од 0-3.