„Топџиите“ се жалат дека се оштетени за чист гол, но не ги знаат правилата!“

Големото дерби на англискиот фудбал, меѓу Манчестер Јунајтед и Арсенал, заврши без победник, 2-2, а утрово фановите на „топџиите“ бурно реагираа дека нивниот тим бил драстично оштетен од главниот судија Андре Маринер.

Во самиот финиш од мечот, Александар Лаказет успеа да ја затресе мрежата на Де Хеа, откако претходно со глава му ја одзеде топката на шпанскиот голман од рацете, но искусниот судија тоа го окарактеризира како прекршок и голот беше поништен. 

Токму оваа ситуација крена многу прашина во англиската јавност, но поранешниот судија Фил Дауд ги реши сите дилеми и објасни зошто неговиот колега ја донел вистинската одлука. 

„Не знам од кога, но правилата се променети. Не е како порано, сега секој контакт со голманот се смета за прекршок. Да, фановите на Арсенал го споредуваат овој гол со оној пред скоро 30 години на Крисби против Сити, но тогаш голманот беше „безбеден“ само ако ја има топката со двете раце, а не како сега и со една рака - каков што беше случајот со Де Хеа“, вели легендарниот англиски арбитар. 

Во меѓувреме, Лаказет остана и без претходно признаениот погодок, откако ФА се реши истиот да го впише како автогол на Маркус Рохо.