ВИДЕО: „Топџиите“ двапати водеа, Лингард и Де Хеа го спасија Јунајтед од пораз

Во дерби натпреварот на 15. коло во Премиер лигата, фудбалерите на Манчестер Јунајтед и Арсенал на „Олд Трафорд“ одиграа извонреден натпревар, кој на крајот заврши со реми резултат (2-2).

Во првиот дел тимот на Жозе Мурињо имаше многу повеќе од играта, но на одмор се замина со егал резултат (1-1). Гостите од Лондон првиот удар го зададоа во 26. минута, откако Шкодран Мустафи ја искористи нафрлената топка од корнер на Тореира и го матира Де Хеа (0-1). Јунајтед брзо реагираше, најпрво се закани преку Рохо од слободен удар, а веќе во следниот напад Антони Марсијал погоди за 1-1.

Во вториот дел, Мурињо во игра го внесе Лукаку, а на спротивната страна Емери одговори со Михтаријан и Александр Лаказет. Токму Французинот во 68. минута, само три минути по неговото влегување, погоди за нова предност на „топџиите“ (1-2). Радоста на гостите кратко траеше, Лингард искористи една грешка на противничката одбрана и израмни на 2-2. До крајот на мечот тимот на Арсенал имаше повеќе од играта, Обамејанг промаши две големи шанси, односо Де Хеа одлично ги одбрани неговите удари. Во 90. минута Михтарјан постигна погодок, кој беше поништен поради офсајд, па на крајот 2-2 остана и како конечен резултат.

Во вториот натпревар фудбалерите на Тотенхем славеа сигурна победа од 3-1 против тимот на Саутемптон и по киксот на Челзи се искачија на третата позиција на премиерлигашката табела. Тимот од Лондон поведе уште во 9. минута со голот на Хари Кејн, во вториот дел победата ја потврдија Лукас и Сон. Почениот погодок за гостите го постигна Остин во 93. минута.