Тонали: Не знам дали мојот татко ќе навива за мене или за Милан

На премиерата на новата сезона во Лигата на шампионите ќе се судрат Милан и Њукасл. Во првиот термин од 18:45 часот, се очекува спектакл на „Сан Сиро“. Особено ќе биде интересен кам-бекот на Сандро Тонали, кој летово замина од клубот кој го сака во англиската Премиер лига. 

Токму тој зборуваше и на средбата со медиумите. Тонали нагласи дека ќе има емотивна ноќ во Милано, зборуваше малку за трансферот, а се осврна и на неговиот татко кој е голем поддржувач на Милан.

„Натпреварот ќе биде емотивен за мене. Се видов со луѓето со кои работев со години, а тоа ми падна тешко бидејќи Милан е тимот за кој навивам, оној што ми дозволи да го исполнам сонот. Сега доаѓам како противник и морам да менаџирам добро. „Сан Сиро“ буди силни емоции, дава енергија. Сепак, натпреварот ќе биде поинаков, чувствата ќе бидат поинакви за мене.

Не знам дали мојот татко ќе навива за мене или за Милан. Се надевам дека има „слаба точка“ и ќе биде мој поддржувач, ама знаете, навивач е навивач. Знам дека ми посакува најдобро, па сакам да навива за мене, а ден по мечот да си продолжи да го бодри Милан.

Трансферот во Њукасл се реши бргу, а се поклопи со младинското ЕП. Беше брзо, се реши за десет дена. Постојат повеќе причини за моето заминување. Кога ја добив понудата, бев среќен. Му дадов многу на Милан и тој мене, а пред да одлучам разговарав со многу луѓе“, изјави Тонали.

Во првиот термин, се игра уште пресметката меѓу Јанг Бојс и РБ Лајпциг. Од „групата на смртта“ пак, вториот дуел меѓу ПСЖ и Борусија Дортмунд е во терминот од 21:00 часот.