Толески: Верувам дека ќе го издигнам Охрид од резултатската криза

Новиот тренер на Охрид, Гоце Толески, попладнево го одработи првиот тренинг со екипата. Тој низ состанок на фудбалерите им ги објасни замислите и неговата филозофија. Толески на позицијата тренер во охридскиот фудбалски клуб дојде на местото од Драган Бочески, кој си поднесе оставка после поразот од Дебар во Кораб.

Деби на охридската клупа Толески ќе има утре против Кадино во петтото коло. а од ВМФЛ-Запад. Тој најави работа и само работа, бидејќи само така може да се врати Охрид во колосек после четирите порази на почетокот од сезоната во второлигашката конкуренција.

„Работејќи со младинските категории јас сум дел од овој клуб од почетокот на сезоната. Ова за мене ќе биде ново и прво искуство. Неколку години работам како тренер во Спортската академија при Фудбалската федерација на Македонија, но првпат ќе работам со сениорска екипа. Со голема желба и самодоверба го почнувам ангажманот во Охрид. Ситуацијата не е идеална, но со работа и без многу ветувања да ја доведеме во некој колосек. Тактички промени нема да има многу во однос на мојот претходник и колега Бочески. Промени ќе има во подготовката на екипата за мечевите, друго горе-долу ќе си остане исто. Јас верувам во играчите и верувам дека ќе успееме да го издигнеме Охрид од резултатска криза“, изјави Толески.

Веднаш по второлигашкото деби, Толески следната среда ќе го води Охрид на натпреварот против Лабуништа на гостински терен.