Тодороски: Задоволен сум од приемот во ТСЦ, сакам да бидеме уште подобри

Македонскиот интернационалец од редовите на ТСЦ Бачка Топола, Андреј Тодороски, го изрази своето задоволство од победата над Раднички 1923 во српското првенство, а воедно изјави дека е среќен за постигнатиот гол со кој донесе двојна предност за својот тим. 

Нашиот Тодороски вторпат стрелаше откако пристигна во ТСЦ, а за српскиот „Журнал“ рече дека екипата победила на многу важен натпревар. 

„Остваривме многу важна победа, знаеме колку ни беше важен овој меч. Неочекувано бевме поразени од Јединство, па затоа денес моравме да забележиме триумф. Совладавме одличен тим кој има квалитетни поединци. Бевме одлучни и храбри од самиот почеток, а потоа сите работи одеа во наша полза. 

Задоволен сум, но знам дека секогаш можам уште подобро. Брзо се вклопив во новата средина, соиграчите одлично ме прифатија. Имам иста улога како во Спартак, и тука настапувам како десно крило. Се надевам дека ќе продолжам во добар ритам“, вели Тодороски. 

ТСЦ е близу до позициите кои водат во плеј-офот, а во следното коло на домашен терен ќе го пречека тимот на Напредак.