Тодороски се откажува од австрискиот пасош за да игра за Македонија!?

Во последните три кола ТСЦ освои седум бода, јасно најави излез од резултатската криза и постепено кревање на формата. Тимот од Бачка Топола конечно почна да покажува стабилност и напредок во играта, а паралелно со тоа блеснаа и неколку поединци кои долго се очекуваа.

Еден од нив е и Андреј Тодороски, кој се истакна во дуелот против ОФК Београд. Македонскиот офанзивец имаше турбулентен дел од сезоната со осцилации во формата и проблеми со повреди, но и покрај тоа успеа да остави солиден белег. Досега постигна три голови во првенството и додаде четири асистенции, а пред него е цело пролетно продолжение од сезоната во кое има можност значително да го подобри личниот и екипниот впечаток.

Тодороски неодамна зборуваше за својата форма и плановите за иднината и за македонските медиуми, а сега повторно се осврна на таа тема во интервју за „Моцарт Спорт“. Посебно внимание привлекува неговиот репрезентативен статус, бидејќи во блиска иднина би можел да го облече дресот на македонската репрезентација. Досегашната пречка не беше од спортска природа, туку административна. Тодороски има австриски пасош, а австриските закони не дозволуваат двојно државјанство. Сепак, ситуацијата полека се движи во позитивна насока, што му отвора врата за настапи за Македонија.

„Бев во контакт со надлежните луѓе, сè уште ништо не е официјално, но во иднина може да има добри вести, а тоа е да заиграм за Македонија“, изјави Андреј Тодоровски.

Доколку ова сценарио се реализира, Македонија би добила уште една квалитетна опција во офанзивната линија. Тодороски така би го следел потегот на Илчо Наумоски, кој во минатото се откажа од австриското државјанство за да го облече дресот на репрезентацијата.

Андреј Тодороски има 26 години, роден е во Прилеп, но од 2010 година е во Австрија. Кариерат му се движеше од Фирст Виена, па преку ФАЦ, од каде играше за Виенер Шпорт Клуб, а од 2021 година е во Србија. Беше главен играч на Спартак Суботица за која на 109 меча даде 22 гола, тоа во 2025 година му донесе трансфер во ТСЦ за која на 10 меча даде три гола. Тодороски има и еден настап за У21-селекцијата на Македонија против Црна Гора.