Тите: Кога не напаѓате, очекувано е да има свирежи од трибините

Фудбалската селекција на Бразил со победа пред своите гледачи го стартуваше 46-то издание на Копа Америка. 

„Кариоките“ со 3-0 ја совладаа Боливија, но во текот на првиот дел добија свирежи од присутната публика, заради очајната игра. Селекторот Тите застана зад навивачите и истакна дека неговите фудбалери ги заслужија свирежите во првиот дел. 

„Го почувствувавме нивното незадоволство. Особено младите играчи. Кога играте за големa селекција, а не го прикажувате тоа што сите го очекуваат, тогаш можете да очекувате да бидете исвиркани. Кога играте безидејно, тогаш доаѓаат свирежите, но кога ќе започнете да напаѓате тогаш има аплаузи. Ова е нормално за Сао Паоло. Сепак, сите сме среќни што со победа го започнавме ова натпреварување“, рече искусниот стратег. 

Победата на Бразил ја донесоа Кутињо со два гола и Евертон со еден. Следен нов предизвик за домаќинот е Венецуела, дуел кој се игра за четири дена.