• Иван Димовски
Манчестер Јунајтед успеа колку-толку да ја спаси сезоната и го освои ФА Купот, откако во финалето на „Вембли“ го совлада Манчестер Сити со 1-2 (0-2). „Црвените ѓаволи“ со два погодоци во финишот на првото полувреме успеаја да му зададат удар на градскиот ривал, а во вториот дел ги одбранија налетите пред голот на Андре Онана.
- Извештај од натпреварот:
Средбата во Лондон стартува со дуел на Халанд по кој бараше најстрога казна, меѓутоа судијата одмавна со раката. Темпото во првиот половина час беше мирно, Гвардиола и Тен Хаг како да ги испитуваа силите и недостигаа вистинските шанси. Резултатот беше отворен во 30. минута, а стрелец беше Алехандро Гарначо. Младиот Аргентинец искористи голема конфузија на противничката одбрана. Далот испрати долга топка, а Гвардиол не го забележа истрчаниот Ортега и во обид да му ја врати топката - го лобува. Тогаш Гарначо се најде на вистинско место и стрела во празната мрежа за 0-1.
„Ѓаволите“ го искористија моментумот и фактот дека Сити беше во своевиден шок. Се тресеше мрежата и преку Маркус Рашфорд, меѓутоа голот не важеше поради недозволена позиција, Сепак, на 0-2 успеа да зголеми тинејџерот Коби Маино во 39. минута. Акцијата се одвиваше по десната страна, топката беше уфрлена на пеналтикот до Бруно, а капитенот мајсторски ја проследи до младиот соиграч кој ја конвертира шансата во погодок.
Сосема очекувано Сити тргна поотворено во второто полувреме, почна да притиска и да прави шанси. Ерлинг Халанд беше најблизу до гол бидејќи ја погоди пречката од голот на Онана, се обидуваа Вокер, Фоден и Алварез, меѓутоа безуспешно. На спротивната страна Јунајтед беше опасен по контри, а Ортега успеа да го одржи својот тим во игра.
Сепак, одбраната на Јунајтед ги одбиваше налетите сè до 87. минута. Погодокот беше дело на Жереми Доку, кој од работ на шеснаесетникот откосо го изненади Андре Онана и со удар по земја погоди за 1-2. До крајот на натпреварот момците на Пеп не успеаја вистински да се наметнат, играчите на Јунајтед одиграа искусно и го умртвија темпото, не дозволувајќи опасни ситуации пред својот гол.
Манчестер Јунајтед по пауза од осум години пак го освои ФА Купот, тринаесетти пат во својата историја, а доколку Ерик Тен Хаг замине, барем ќе се прости со трофеј. Покрај тоа, ова е спас и за европската сезона на „ѓаволите“ бидејќи се изборија за место во Лигата на Европа, а извиси Њукасл.