ВИДЕО: Тимот на популарниот глумец Рејнолдс во луд финиш испадна од ФА Купот!

Малку фалеше нисколигашот Рексам да биде најголемото изненадување во ФА Купот оваа сезона. Малиот клуб во сопственост на познатиот холивудски актерот Рајан Рејнолдс не го издржа до крај притисокот против Шефилд Јунајтед и во луд финиш загуби со 3-1, во повратниот натпревар од 1/16 финалето во најстарото англиско натпреварување.

На „Брамал Лејн“ сè беше отворено до 93. минута, кога при резултат од 1-1, домашните искористија грешка на противникот и Харп погоди за 2-1 и огромна радост на трибините. Веќе во следниот напад Берге ги постави конечните 3-1. 

Вреди да се напомене дека Рексам при 1-1 во 72. минута не реализира удар од единаесет метри. Трагичар беше Мулин, кој претходно израмни на 1-1. На првата средба меѓу овие две екипи резултатот беше 3-3.

Инаку, велшки Рексам е клуб основан во 1864 година и е трет најстар професионален клуб на светот, а во сопственост на популарниот актер е од 2020 година. Моментално се натпреварува во Националната лига, котира високо на табелата и е меѓу најсериозните кандидати за промоција во англиската Лига 2.