ВИДЕО: Тимот на Фабрегас и Анри по повеќе од две децении се врати во Серија А!

Фудбалерите на Комо успешно го изведоа својот план, играјќи нерешено на домашен терен против Косенца во последниот натпревар во Серија Б. Ова реми значи дека следната сезона ќе ги видиме во елитната калчо лига. По пауза од 21 година, Комо се враќа во Серија А, што е голем успех за клубот чиј стадион се наоѓа крај култното италијанско езеро.

Интересно беше исчекувањето на крајот на мечот меѓу Специја и Венеција на клупата. Фабрегас и останатите членови на стручниот штаб со дел од играчите на своите мобилни телефони чекаа крај и кога го дочекаа, започна славјето.

Цеск Фабрегас, кој одигра важна улога во креирањето на овој тим, сега работи како асистент тренер бидејќи сè уште не поседува професионална лиценца. По ремито кое значеше место во елитата, Шпанецот имаше говор во соблекувалната. 

„Пред сè, честитки за шампионската сезона. Утре имате тренинг во десет. Една работа морам да кажам пред да излеземе таму со навивачите: Соберете сили, бидејќи оваа сезона беше ништо! Ова беше само загревање. Следната година мора поефикасно, повеќе работа. А, сега, како што ви ветив, одиме на Ибица?“, кажа Фабрегас во говорот пред играчите.

Освен тоа, Тиери Анри, кој е сопственик на дел од акциите во клубот, беше присутен на натпреварот, проследувајќи го големиот успех на тимот од трибините.

Веќе претходната седмица местото во елитата си го обезбеди и Парма, додека во плеј-офот носители ќе бидат Венеција и Кремонезе, а во битка за место во Серија А се уште Катанцаро, Палермо, Сампдорија и Бреша.