ВИДЕО: Тимот кој се бори за опстанок во Цвајте лудо го прослави пласманот во финалето во Купот

Фудбалерите на Кајзерслаутерн се првите финалисти на овосезонското издание на Купот на Германија. Тие во полуфиналето го совладаа третолигашот Сарбрикен со 0-2 на гости, а стрелци на головите беа Ритер и Туре. По завршувањето на натпреварот фудбалерите на некогашниот бундеслигаш лудо ја прославија победата и пласманот во финалето. 

Екипата на Кајзерслаутерн, која сезонава се бори за опстанок во втората германска лига, натпреварот за трофејот ќе го одигра на 25 мај, а противник ќе ѝ биде подобриот ривал од второто полуфинале меѓу лидерот во Бундеслигата, Баер Леверкузен и второлигашот Фортуна од Дизелдорф.

Кајзерслаутерн досега двапати го освојуваше Купот на Германија, првиот пат во 1990 година, а вториот во 1996 година, додека последен пат во финалето играше во 2003 година, кога загуби од Баерн. 

Сарбрикен, кој во претходната фаза од натпреварувањето ги исфрли Баерн, Ајнтрахт Франкфурт и Борусија Менхенгладбах, немаше сили за уште едно изненадување и историски пласман во финалето.