Екипата на Шкендија дојде до значајна победа со која се доближи до осигурвање на едно од местата кои водат во Европа. Актуелниот првак кој речиси сигурно ќе биде детронизиран победи на гости кај Скопје (0-2) и се зацврсти на третата позиција во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). „Пиратите“ од Автокоманда се борат за опстанок и се секогаш незгоден противник. Тоа на своја кожа го почувствува Шкендија, меѓутоа шансите кои тимот на Бруно Акраповиќ ги имаше, мудро се искористија. Два гола во мрежата на Скопје беа доволни за нова победа во ПМФЛ на контото на Шкендија. Досега, Скопје ниеднаш не ја победил Шкендија на домашен терен - на вкупно шест натпревари.