Фудбалската репрезентација на Македонија продолжи да пишува историја! Со домашна победа над Исланд (3-1) избраниците на Благоја Милевски го остварија најдобриот пласман во едни квалификации за Светското првенство (СП) и за првпат ќе играат во бараж за пласман на големата светска фудбалска сцена. На нашиот национален тим му беше потребна победа за да ја оствари целта и воден од публиката дојде до посакуваните три бода на Арената „Тодор Проески“. Преку 17.000 гледачи грмеа за Македонија, а тоа беше голем стимул за играчите на Благоја Милевски да го надмудрат ривалот и со погодоците на Езџан Алиоски и Ељиф Елмас да го чекираат посакуваното второ место, зад Германија, а пред Романија. Македонија ќе биде меѓу неносителите на баражот.