Киевски Динамо беше најуспешен клуб на Советскиот Сојуз со рекордни 13 титули, девет Купови, два трофеи во некогашниот Куп на победници на Куповите и еден Суперкуп на Европа. Доминацијата ја продолжи во независна Украина, но на средината од минатата деценија приматот му го презеде Шахтјор, благодарение на огромните инвестиции на тајкунот од Доњецк, Ринат Ахметов. Иако сопственик на „сино-белите“ е пребогатиот Ихор Суркис, истрагата на УЕФА за илегалните текови на парите со кои беа опфатени тој и неговиот брат Хрихориј, поранешниот долгогодишен претседател на Фудбалската федерација на Украина, го доведе до тоа да jа „затвори чешмата“, па Динамо се сврте кон развој на таленти од сопствената младинска школа.