Ел гран дербито, односно пресметката на градските ривали Севиља и Бетис, не можеше да дојде во полош момент за „рохибланкоси“. До пред еден месец работите на Санчез Писхуан функционираа според планот, избраниците на Жулен Лопетеги суверено го држеа четвртото место во Ла Лига и во првиот полуфинален меч од Купот на Кралот глатко ја совладаа Барселона со 2-0, па спокојно се подготвуваа за дуелот против Дортмунд во осминафиналето од Лигата на шампионите. Меѓутоа, Германците, во срцето на Андалузија, победија со 3-2 и го ставија противникот во „чвор“ од кој не успеа да се отплетка.