Со должна почит кон Бешикташ и Спортинг Лисабон, единствената дилема во групата Ц ќе биде конечниот редослед на првите две екипи, а тоа ќе бидат ривалите кои ќе одиграат едно од дербијата на третото коло од Лигата на шампионите во вторник во 21:00 часот. Ајакс и Дортмунд не само што имаат максимален учинок, туку покажаа и апсолутна супериорност во однос на турскиот и португалскиот шампион, иако се многу понеискусни од нив во однос на возраста, па затоа треба да видиме многу момци во овој судир кои во следните десет години треба да го водат европскиот фудбал.