Лидерот во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), екипата на Вардар, официјално е есенски првак затоа што во дербито со Академија Пандев дојде до триумф (0-3) и се зацврсти на првата позиција на табелата. „Црвено-црните“ на Александар Васоски одлично го анализираа противникот, кој остана со една сериозна шанса и не му зададе главоболки на Гачевски на овој натпревар. Вардар заслужено дојде до полн плен, пред големото дерби со Шкендија во Скопје. Во меѓусебните дуели оваа сезона, ова е втор триумф за Вардар во вториот меч со „пандевци“. За Вардар ова беше десетта победа сезонава и тимот има вкупно 35 бода. На второто место сега е Шкендија, додека Академија Пандев по долго време падна на третата позиција. Во последното есенско коло, кое се игра на 8 декември Вардар игра со Шкендија, а „пандевци“ гостуваат кај Силекс.