Ако денес постои некој шампионат во Европа кој е мека за македонските фудбалери тоа е унгарскиот. Не заради близината, цените или квалитетот, туку најмногу заради можноста професионалци од ПМФЛ веднаш да се имплементираат во унгарската елита. Натпреварувањето е организирано, инфраструктурата велелетна, а квалитативното ниво доволно за нашите фудбалери да се прилагодат на новата средина. Но, во минатото унгарскиот фудбал, репрезентација и неколку клубови значеле беа фактор низ континентот. Ференцварош, Ујпешт, МТК „жареа и палеа“ и тоа исклучиво со домашни фудбалери. Ако во шеесеттите години од минатиот век унгарската репрезентација беше синоним за успеси, освои три олимписки злата, играше финале на Светско првенство, лансираше ѕвезди како Пушкаш, Кубала, Кочиш, денес се светлосни години од тоа ниво. И перспективата во која унгарскиот фудбал се развива во последните три децении не мириса на враќање, посебно не кога зборуваме за клупскиот фудбал. Но, минатиот век донесе и тоа како големи резултати за унгарските клубови, а еден унгарски фудбалер ја освои и „Златната топка“.