Македонската фудбалска репрезентација ја оправда фаворитската улога против Гибралтар и на „Филип Втори“ Арената во Скопје славеше со 4-0 (1-0), со што обезбеди место во плеј-офот во кој ќе се разигрува за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Избраниците на Ангеловски одиграа еден натпревар со премногу шанси кон противничкиот гол, но само четири пати успеаја да ја стресат мрежата. Доминацијата беше евидентна, а за тоа говори и самата статистика, затоа што Гибралтар немаше ниту еден шут во голот на Македонија. Димитриевски цела средба немаше работа, беше само гледач, па трите бода и пласманот во плеј-офот се заслужени.