ВИДЕО: Тиквеш со три ЕВРОГОЛА од 0-2 до историска победа на европското деби!

Фудбалерите на Тиквеш одиграа луд натпревар против Брејдаблик во првото коло од квалификациите за Конференциската лига. Освојувачот на Купот на Македонија се врати од негатива од два гола (0-2) и со три ЕВРОГОЛА извојува голема победа од 3-2. 

Македонскиот тим мотивирано го отвори дуелот на „Тодор Проески“ во Скопје, но изгоре од желба да се докаже на своето деби. Кавадарчани тргнаа офанзивно и уште во раната фаза на средбата имаа две големи шанси за отворање на резултатот. Првата не ја искористи Стојкоски по една одлична контра, додека нешто подоцна неуспешен обид со глава имаше Ѓорѓиев.

На спротивната страна, пак, гостинот мудро ја чекаше својата шанса, а таа пристигна во тринаесеттата минута, кога на додавање на Торвалдсон, погоди Еинарсон за 0-1. По примениот гол Тиквеш влезе во нова офанзива и одново не ги искористи своите шанси. Најизгледната ја имаше Спахиу во 28. минута, кога биеше прецизно, но недоволно силно за да го совлада противничкиот голман Еинарсон.

По новото промашување на кавадарчани следуваше уште една казна и исландскиот тим го зголеми водството. Торвалдсон повторно ја имаше улога на асистент, додека овој пат мрежата на Тиквеш ја затресе Кристинсон за 0-2, резултат со кој се замина на одмор.

Ѓорѓи Мојсов незадоволен од одиграното на својот тим се реши да направи тројна замена на стартот од второто полувреме и целосно го освежи нападот. Спиркоски, Витао и Гуера добија шанса за докажување и играта на Тиквеш значително се промени. Се играше многу подинамично и поедноставно, но на кавадарчани одново како да им фалеше тој последен пас или мирна завршница. Сепак, во прав момент проработи врска меѓу Спахиу и Спиркоски. Во 74. минута Спахиу подели прекрасна асистенција во стилот на Лука Модриќ, а голот на Спиркоски беше мало ремек-дело за намалување на водството на гостите на 1-2. Само шест минути подоцна следуваше нова мајсторија во режија на кавадаречките фудбалери. Стојанов од слободен удар постигна голчиште во мрежата на Еинарсон и израмни на 2-2. 

Но, тоа не беше сè од репертоарот на момците на Мојсов, бидејќи Гуера во 83. минута го најде патот до противничкиот гол и донесе огромна радост на трибините и победа на Тиквеш од 3-2. Реваншот во Исланд се игра за една седмица.

Претходно пораз од 2-0 забележа и вториот наш претставник во Конференциската лига, тетовска Шкендија, која во финишот попушти на гостувањето кај Ноах.