ВИДЕО: Тиквеш со гол во 91. минута со празни раце ги испрати „лавовите“ за Ѓорче

Екипата на Тиквеш со победа го заврши регуларниот дел во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), откако на свој терен со доцен погодок славеше над Македонија Ѓорче Петров со 2-1 (0-1). 

Кавадарчани минатата сезона по долга пауза се вратија во елитата, но сè уште не ја знаат иднината. Сезоната ја завршија како десетти, место кое што води во бараж за опстанок во шампионатот. Покрај Тиквеш од прволигашите во доигрувањето ќе игра уште Скопје, додека влез во ПМФЛ ќе бркаат Воска Спорт и Беласица.

Стартот на натпреварот во Кавадарци не донесе поголеми возбудувања. Се играше на средината на теренот и без поголем ризик на двете страни, но сè до 20. минута, кога Купер се најде на вистинско место и погоди за водство на гостите од 0-1, резултат со кој се замина на одмор.

Во вториот дел Тиквеш тргна поорганизирано и поофанзивно, а тоа резултираше со израмнување на 1-1. Благоја Љамчевски беше сигурен реализатор од единаесет метри, а пред самиот крај на натпреварот кавадарчани се радуваа на трите бода, откако Христов стрелаше за целосен пресврт и победа на својот тим од 2-1.

Кавадаречкиот тим сезоната во елитата ја заврши со девет победи, седум реми исходи и 17 порази, додека Македонија ЃП забележа 17 победи, шест ремија и десет порази и зазеде четвртата позиција на табелата. Сезона не е завршена ниту за „лавовите“ затоа што пред нив е последната битка и Куп-финалето со новиот прволигаш Силекс.