Тиквеш победи во Гевгелија, три бода и за Борец и Брегалница

Вонредното коло во Втората лига-Исток мина во знакот на фаворитите, затоа што тимовите од кои се очекуваше да победат, освоија по три бода.

Во дербито на колото, Кожуф Гевгелија на домашен терен загуби од Тиквеш со 0-2 (0-0). По првиот дел без голови, резултатот го отвори Роберт Митев во 63. минута, а потоа, во 80. минута Мартин Шишков направи пенал и доби црвен картон, а ударот од белата точка го реализира Александар Мишов.

Брегалница на домашен терен во финишот го скрши отпорот на Вардар Неготино и славеше со 3-1 (1-1). Во првиот дел погодија Ристе Наумов за домаќините и Ѓорѓи Шишков за гостите, а беше неизвесно се до 80. минута, кога искусниот Наумов со својот втор гол донесе предност за фаворитот. Точка на триумфот стави Лазар Илијев во 89. минута.

Борец се врати на победнички пат и по ремито кај Кит-Го, на домашен терен со 4-0 (2-0) го совлада аутсајдерот Детонит Јуниор. Головите ги постигнаа Бојан Колевски кој беше двоен стрелец, како и Марко Ѓорѓиевски и Кристијан Николовски.

На мечевите меѓу Плачковица и Кит-Го Пехчево, односно Партизан Обршани - Саса немаше голови.