Тиквеш остана без тренер, Цицмиловиќ си поднесе оставка

Амбициозниот второлигаш Тиквеш ја губи битката на Истокот, а сметката за тоа ја плати тренерот Раде Цицмиловиќ кој реши да си поднесе неотповиклива оставка.

Кавадарчани во изминатото коло доживеаја огромен неуспех против Кит-Го (1-4), а Цицмиловиќ реши да замине од тренерското столче. Стратегот истакна дека засекогаш ќе го носи Тиквеш како дел од него и на фудбалерите и на „Лозарите“ им посакува многу успеси.

„Денес е допрено дното и по тринаесет кола тортура се поминаа сите граници. По двата недосудени пенали во првото полувреме, исклучувањето на Симе Христов, се виде дека нема ништо ново. Јас како тренер ја земам одговорноста и од морални причини си поднесувам оставка. Благодарност до сите на укажаната доверба, на Тиквеш му посакувам успеси затоа што „Лозарите“ го заслужуваат тоа“, вели Цицмиловиќ.

По 13 одиграни кола во ВМФЛ-Исток екипата на Тиквеш е на второто место на табелата со 30 бода, пет помалку од лидерот Брегалница од Штип.