ВИДЕО: Тиквеш одигра рутински и ја продлабочи кризата на Академија Пандев

По две кола пауза фудбалерите на Тиквеш запишаа победа во ПМФЛ и ја надиграа Академија Пандев на гостински терен во Струмица (0-2). Домашниот тим запиша трет пораз во низа и остана во опасната зона на табелата во македонскиот шампионат.

Гостите од Кавадарци искористија еден момент за да стигнат до предност. Почетокот од натпреварот беше изедначен, а тогаш на сцена стапи Иван Ивановски. Се играше 21. минута од натпреварот, кога гостинскиот фудбалер ја затресе противничката мрежа, што донесе уште поотворена игра на стадионот во Струмица.

„Пандевци“ возвратија неколку минути подоцна. Во убава шанса се најде Виктор Ангелов, но лошо ја зафати топката. За негова несреќа, се затресе само надворешниот дел од гостинската мрежа. Тоа беше најава за подобрата игра на домашната екипа. Финишот на првиот дел донесе притисок од страна на домаќинот. Тиквеш чекаше шанса од контранапад и добро се постави во одбрана, па замина на пауза со минимално водство.

Академија Пандев продолжи да ја контролира топката и да брка израмнување и во второто полувреме. Секоја надеж на домашните фудбалери беше скратена по еден час игра. Наместо погодок за израмнување, струмичкиот тим дозволи да прими втор гол во својата мрежа и со тоа се оддалечи од бодовите. Андреј Лазаров се запиша во листата на стрелци и донесе големи бодови за својот тим, кој се врати на победнички пат, по две кола без позитивен резултат во домашното првенство.

Шкупи го искористи киксот на Струга Трим Љум и ја намали предноста на врвот. Победа со ремито ја прескокна Академија Пандев, која сега е претпоследна во прволигашката конкуренција.

Следи двомесечна пауза во шампионатот, а првото пролетно коло е закажано за 19 февруари 2023 година.