Тиквеш ќе патува на Исланд, Шкендија против ерменски тим во Конференциската лига

По ждрепката во Лигата на шампионите, во која нашиот првак Струга Трим Љум го дозна ривалот за првото квалификациско коло, во Нион се одржа и ждрепката за воведната фаза од квалификациите за Конференциската лига.

Македонија и во новата сезона ќе има два претставници – вицешампионот Шкендија и освојувачот на Купот, Тиквеш. Кавадарчани по освојувањето на националниот Куп своето деби на меѓународна сцена ќе го имаат против Бреидаблик од Исланд, додека ривал на Шкендија ќе биде Ноах од Ерменија. 

Треба да се напомене дека на ждрепката само Шкендија беше носител, што значи дека доколку ја мина оваа фаза ќе ја има истата улога и при ждрепката за втората рунда. 

Првите натпревари се играат на единаесетти јули, а реваншите се закажани за по седум дена.