„Тиквеш ќе биде уште посилен, планираме реконструкција на стадионот“

Екипата на Тиквеш не успеа да се врати во елитата на македонскиот фудбал, откако вчера го загуби бараж-дуелот со Силекс, но и покрај тоа во таборот на кавадарчани владее позитивна атмосфера и оптимизам дека следната сезона ќе биде нивна и конечно ќе се пласираат во ПМФЛ. 

Токму на оваа тема денес зборуваше градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој им приреди достоен дочек на своите фудбалери. 

„На моја иницијатива заедно со Советот на општина Кавадарци денес направивме сумарање на сезоната што заврши. Можеби потрошивме минимални средства, но направивме голем резултат. Иако не успеавме да влеземе во ПМФЛ, задоволен сум од резултатот на Тиквеш. За мене Кавадарци секогаш е на прво место, па затоа уште од сега размислуваме за идната сезона. Тренерска смена нема да има, а планираме и рекунструкција на стадионот, односно нова тревна подлога, како и реконструирање на постоечката и доградба на уште две трибини“, рече Јанчев. 

Тиквеш одигра одлична сезона во ВМФЛ-ИСТОК, но немаше сили да го стигне перфектниот Борец, а вчера со минимални 3-2 го загуби и баражот од Силекс.