• Мартин Танасковски

Екипата на ГФК Тиквеш се огласи со соопштение за јавноста, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го исфрли тимот од Купот на Македонија заради административни пропусти и прекршување на правилата.
Вардар поднесе жалба по мечот во Купот за неправилен настап на фудбалерот Окере Ебубе Висдом, кој имаше проблем со медицинскиот документ поставен во КОМЕТ-системот. По разгледување на фактите, Тиквеш службено го загуби мечот.
- Соопштението на ГФК Тиквеш во целост:
„Почитувани навивачи, љубители на ГФК Тиквеш, граѓани на Кавадарци и спортски пријатели, ГФК Тиквеш ја информира јавноста дека ја прифаќа одлуката донесена од Фудбалската федерација на Македонија во врска со утврдената техничка грешка.
Како клуб со долгогодишна традиција, богата историја и голема одговорност кон своите навивачи и градот Кавадарци, сметаме дека е наша обврска да постапуваме транспарентно, одговорно и во согласност со фудбалските прописи.
Свесни сме за сериозноста на настанатата ситуација и за незадоволството што таа го предизвика кај нашите навивачи и поддржувачи. Клубот нема да бара оправдувања надвор од сопствените редови, туку целосната одговорност за направениот административен пропуст ќе ја бара во сопствените структури.
Во таа насока, раководството на ГФК Тиквеш ќе преземе конкретни мерки и ќе изврши промени во административниот сегмент кој е задолжен за водење, подготовка и контрола на официјалната документација и процедурите поврзани сот натпреварувањето. Нашата цел е ваквите пропусти никогаш повеќе да не се повторат, а работењето на клубот да биде на ниво што го заслужуваат името, традицијата и угледот на ГФК Тиквеш.
Им се заблагодаруваме на сите навивачи и искрени поддржувачи за нивната верност, поддршка и љубов кон клубот. Ги разбираме нивните реакции и очекувања и уверуваме дека ГФК Тиквеш ќе продолжи да работи посветено на заштита на клупските интереси и достоинствено претставување на Кавадарци“
Во четвртфиналето од Купот на Македонија патува екипата на Вардар, која го доби мечот со службени 0-3.



