ВИДЕО: Тиквеш ја освои Струга и ја оддалечи од Европа

Екипата на Струга Трим Лум направи чекор назад во битката за место во евро-куповите, затоа што на домашен терен загуби од Тиквеш (1-2) во рамки на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). За Тиквеш ова беше дванаесетта победа сезонава и тимот се наоѓа на петтото место. Струга, пак, е третопласирана со 56 бода, осум помалку од второпласираната Шкендија.

  • Извештај од натпреварот:

Натпреварот почна мирно, а единствена шанса во воведните дваесет минути имаше Струга, која се закани преку Малески кој не успеа да реализира зицер ситуација. Веднаш потоа домашните го отворија мечот во 21. минута кога погоди Марјан Радески, со помош на голманот Тасев.

Но, радоста на домашните траеше кратко, затоа што во 26. минута по еден центаршут, поранешниот играч на стружани Бесир Рамадани донесе израмнување и од почит кон стариот клуб не го прослави голот.

Тоа беше резултат и на паузата, а на стартот на вториот дел Меметриза Хамза шутираше откосо директно во голот, а одбрани Тасев. Тиквеш потоа се бранеше, а по една контра дојде и до предност. Течеше 56. минута кога Сила украде топка на средината по едно несмасно додавање, истрча половина терен и реализира за 1-2.

До финишот на мечот Струга бараше гол да израмни, но не успеа. Дуелот го одбележа и страотен момент, кога Папе Фал од таборот на домашните доживеа незгодна повреда. По дуел со ривал во 59. минута се онесвести на терен, но потоа продолжи да игра и пак се струполи, па со брза помош беше пренесен во болница.