• Саше Љолес

Екипата на Академија Пандев загуби на домашен терен од Тиквеш со убедливи 1-4 и до крајот на сезоната ќе води битка за да го обезбеди директниот опстанок во Македонската фудбалска лига, ПМФЛ.
- Головите од натпреварот:
Александар Васоски почна со Крстески како најистурен напаѓач, а Ергелидѕе остана на клупата. Мојсов одговори со густ среден ред и Спахиу како единствен во шпицот. Академија Пандев доминираше во првиот дел, упати шест удари кон голот на Давков, изведе седум корнери, но ништо од тоа не материјализира во кавадаречката мрежа.
Велиновски и Цветановски се обидоа од далечина, а Руфати со глава во удари од аголот, но Давков беше сигурен. Во 38. минута домаќините бараа најстрога казна заради стартот на Христов врз Крстевски, но судијата Младеновски, кој беше во непосредна близина, не покажа на белата точка. „Ладен туш“ за струмичката публика донесе Глигор Дончев со прекрасен гол во судиското надополнување. Левиот бек, кој токму од Академија Пандев дојде во Кавадарци, како брз воз мина по левата страна и со прецизна дијагонала го матира Алчевски (0-1).
Второто полувреме започна повторно со иницијатива на домашниот тим, Академија Пандев ја држеше топката и се обидуваше да дојде до посериозна шанса, но сепак Тиквеш беше тимот што го постигна следниот погодок. Гостите изведоа една прекрасна тимска акција која ја круниса Енес Спахиу во 51. минута, а одлично му асистираше Христов. Тиквеш водеше со 0-2, а момците на Александар Васоски мораа да го подобрат впечатокот. Домаќините продолжија со нападите и успеаја да го намалат резултатот на 1-2 после еден одличен продор на Матеј Цветановски. Топката дојде до Крстевски кој со пета прекрасно го проигра Кристијан Велиновски кој со одличен удар го постигна својот шести гол сезонава.
Следуваше период на малку посмирена игра, струмичани сакаа комплетно да се вратат во мечот, а тренерот Васоски направи и две замени. Томовски имаше солидна шанса во 65. минута, но неговиот удар беше скротен од гостинскиот голман. Тиквеш трпеливо чекаше и својата шанса ја бараше преку контра-нападите. На тој начин успеаја да стигнат и до третиот гол кој го постигна Александар Мишов во 71. минута. Поранешниот играч на Академија Пандев не го прослави голот од почит кон струмичани, но гостите имаа веќе убедливи 1-3 и полека ја најавуваа победата на денешниот натпревар. Во 85. минута Мишов го постигна својот втор погодок на мечот и ја запечати убедливата победа на кавадарчани, а играчот ѝ се извини на домашната публика уште еднаш. Конечна победа од големи 1-4 за Тиквеш, а навивачите на Академија Пандев разочарани го напуштија стадионот во Струмица.
Академија Пандев со денешниот пораз останува на деветтата позиција со 26 освоени бодови и за нив продолжува трката за обезбедување опстанок во лигата. Струмичани имаат четири бода повеќе од Скопје кој ја држи позицијата што води во баражот за опстанок. Тиквеш е на едно место погоре со 34 бодови и тие воопшто не стравуваат за останувањето во елитниот македонски ранг. Во следното коло Академија Пандев гостува во Штип кај Брегалница, додека кавадарачни ќе бидат фаворити за нова победа, овој пат против екипата на Скопје.